Силекс пресилен за „младиот“ Вардар, триумф за Струга ТЛ, без голови во Битола

Силекс е премногу квалитетен и искусен состав за да не го победи подмладениот Вардар кој го има на располагање Александар Васоски. По враќањето од Азербејџан и лекцијата што ја доби од Карабах (4-0), фудбалерите на Силекс успеаја да применат дел од наученото на мечот против Вардар и славеа со 0-4.

Срѓан Драшковиќ уште во третата минута ја затресе мрежата на Филип Илиќ, откако одлично реагираше на центаршутот од десната страна. Иван Ивановски во 52.минута зголеми на 0-2, а Пепи Ѓорѓиев дефинитивно го реши победникот со погодокот во 64.минута. До крајот, и Бојан Спиркоски се запиша меѓу стрелците во 88.минута за конечни 0-4 во корист на кратовскиот тим.

Во Битола, многу борба, но без посериозни шанси и што е најважно, без голови во пресметката меѓу Пелистер и Работнички. Битолскиот тим останува непоразен по три кола, а Работнички стигна до четвртиот бод откако на стартот загуби во Ѓорче Петров.

 

Струга Трим Лум славеше со 1-0 против Борец. По двете гостувања во Тетово, стружани успеаја са стигнат до победа. Стрелец на победничкиот погодок беше Александар Ристевски во 81.минута.

Во ова коло, во петокот Шкупи славеше против Беласица на гости со 0-2, Шкендија минимално ја совлада Македонија ЃП со 0-1 во Ѓорче Петров, а Ренова го победи тимот на Академија Пандев со 2-0.

ПРВА ЛИГА, 3.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – СИЛЕКС 0-4

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ 0-0

СТРУГА ТЛ – БОРЕЦ 1-0

БЕЛАСИЦА – ШКУПИ 0-2

МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКЕНДИЈА 0-1

РЕНОВА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 2-0

Табела: Силекс 7, Шкупи 7, Шкендија 7, Ренова 5, Пелистер 5, Работнички 4, Струга ТЛ 4, Борец 4, Македонија ЃП 3, Вардар 3, Академија Пандев 0, Беласица 0.

Се вчитува...