Барселона вечерва се среќава со Атлетико Мадрид во големото дерби на Ла Лига, дуел на кој реми или пораз дополнително би ги намалило шансите на каталонскиот гигант во трката за титулата. Во фокусот на шпанската јавност по ремито со Селта се најде очигледниот конфликт на тренерот Кике Сетиен со првата „ѕвезда“ Лео Меси, а Симеоне на прес-конференцијата во пресрет на дербито беше прашан за неговото мислење за случувањата во таборот на големиот ривал.
„Ме познавате мене, не сакам да давам мислења за тоа што се случува по другите тимови, се грижам само за нашата соблекувална, атмосферата во нашиот тим да биде беспрекорна. Најтешкиот дел во тренерската работа е да менаџирате со чувствата на фудбалерите, да се обидете сите да бидат задоволни и да даваат се од себе за тимот да победува. Не знам што точно се случува во Барселона, но доколку јас имам проблем со Меси би го викнал на кафе. Незадоволствата од најразлични причини се решаваат со неформален разговор во четири очи, во кој најлесно се наоѓа заеднички јазик“, истакна Симеоне.
Атлетико Мадрид забележа четири победи и едно реми на петте средби по паузата и моментно е стабилен на третото место на табелата, со шест бода предност во однос на петтопласираниот Хетафе во борбата за место во ЛШ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА