Диего Симеоне и во следната натпреварувачка сезона ќе седи на клупата на Атлетико Мадрид откако аргентинскиот стратег ја одбил понудата на Интер за преселба на „Џузепе Меаца“ во текот на летото. „Нероаѕурите“ испратија богата понуда, за плата над десет милиони евра по сезона во следните пет години, воедно поставувајќи му ултиматум на тренерот на Атлетико да одговори најдоцна за 20 дена.
Како што јавува весникот „Марка“, на трофејниот стручњак не му требало премногу време да реши, откако веќе ставил до знаење дека нема намера да се сели во Италија. Тој има уште една година од актуелниот договор со Атлетико и планира да го испочитува до крај, по што би размислувал за нови предизвици во кариерата. Приоритет на Симеоне во моментов е полуфиналето во ЛШ против Реал, а потоа во текот на летото и да го убеди Антоан Гризман да остане уште најмалку една година на „Висенте Калдерон“.
„Нероаѕурите“ претходно беа одбиени и од страна на Антонио Конте, па според италијанските медиуми сега ќе го свртат вниманието кон Лучијано Спалети, кој летово ќе си замине од Рома, како и кон екс-тренерот на Вилјареал, Марселино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА