Симеоне пред Интер: Време е за одмазда, Гризман ни дава повеќе опции..

Диего Симеоне е оптимист дека Атлетико Мадрид ќе ја надмине резултатската криза и токму на утрешниот реванш со Интер ќе заигра во својот препознатлив стил и ќе успее да се пласира во четвртфиналето од Лигата на Шампионите.

Шпанскиот тим има негатива од еден гол од првиот меч, но аргентинскиот стратег верува дека Атлетико ќе успее да ја надополни предноста на противникот.

„Време е за одмазда, јас верувам во мојот тим, убеден сум дека утре ќе играме одличен меч. Сепак, не треба да се остане на зборови, туку тоа мора да се потврди на терен. Потребна е сконцентрираност во текот на сите 90 минути, ако сме фокусирани и не правиме грешки верувам дека ќе дојдеме до победата. Интер е одличен тим, еден од најдобрите во Европа, го гледаме Лаутаро како голгетер од највисока класа, за кого е перфектно поставена играта од страна на тренерот на италијанскиот гигант“, изјави Симеоне.

Мечот со Интер доаѓа неколку дена по неочекуваниот пораз од Кадиз, но добра вест за Атлетико е враќањето на Антоан Гризман, кој паузираше петнаесетина дена поради повреда.

„Секако дека е одлично што пак ќе го имаме Гризман, тој е фудбалер од највисока класа што ни дава бројни опции од тактички аспект. Сепак, најважно ќе биде да сме сконцентрирани и да знаеме да ги искористиме шансите што ќе ги создадеме“, порача трофејниот тренер на Атлетико Мадрид.

Се вчитува...