Симоновски: Десет тројки на еден меч, зошто да не…

Марко Симоновски продолжи со одличните настапи и на вчерашниот премиерен натпревар од полуфиналето против Блокотехна. Македонскиот репрезентативец одигра беспрекорно, погодувајќи дури девет тројки и јасно ставајќи им до знаење на ривалите од каде ќе доаѓа најголемата опасност во овој плејоф. Симоновски е во неверојатен шутерски ритам, пред десетина дена против Гостивар погоди осум тројки, вчера против Блокотехна девет, па крилниот кошаркар е оптимист и дека наскоро би можел да стигне до десет погодени шутеви од далечина на еден натпревар.

Десет тројки на еден натпревар… зошто да не. Дадов девет против Блокотехна, искрено се чувствувам одлично, полн сум со самодоверба. Мислам дека клучен е фактот дека конечно сум здрав подолго време, тоа ми овозможи да влезам во посакуваниот натпреварувачки ритам и позитивно се одрази врз моите настапи. Искрено се надевам дека ќе продолжам во ист ритам и до крајот на оваа сезона, да помогнам во обидот да стигнеме до титулата“ – истакнува Марко Симоновски.

Крилниот кошаркар беше клучен играч на првиот натпревар, но Симоновски скромно ги дели заслугите со соиграчите за големата победа на стартот од полуфиналната серија.

„Игравме многу паметно, колективно, а клучна беше одбраната. Успеавме да го запреме Бенџамин, кој вообичаено е главен играч на Блокотехна, ги неутрализиравме нападите на гостите и заслужено победивме. Секако, секогаш се може подобро, знаеме каде можеме да напредуваме, но многу е значајно што победивме на тој прв натпревар, за многу посмирено да влеземе во вториот меч во Гевгелија“ – изјави Симоновски.

Се вчитува...