Силекс го совлада Работнички со 1-0 во 29. коло од Првата македонска фудбалска лига, задржувајќи ја предноста од четири бода пред Беласица во борбата за опстанок. Тренерот на тимот од Кратово, Горан Симов вели дека победата против „романтичарите“ е многу важна во овој момент, иако е јасно дека кратовци ги чека напорна битка за останување во елитното друштво.
„Многу важна победа во битката за опстанок. Интересен натпревар. На почетокот многу грешевме, бидејќи притисокот беше на наша страна, поради фактот што се бориме за опстанок. Во второто полувреме ја пронајдовме нашата игра. Моите фудбалери беа поагресивни и мислам дека токму за тој еден гол бевме подобар противник на мечот. По постигнувањето на голот целиот тим беше полн со емоции и фудбалерите и ние од стручниот штаб. Честитки до Работнички за прикажаното. Мечот можеби не беше на ниво на големите лиги, но и моите фудбалери и Работнички покажаа како се игра еден важен натпревар. Многу би можеле да ни позавидат“, вели Симов.
До крајот на сезоната, според Симов, секој натпревар ќе биде бараж за опстанок во ПМФЛ.
„Ќе биде тешко и на физички и на психички план до крајот на првенството. За нас секој натпревар ќе биде бараж за опстанок. Во секој натпревар ќе влеземе без калкулации, бидејќи секој бод е важен во нашата мисија, опстанок во Првата лига. Јас верувам во моите фудбалери, и знам дека можат да се соочат со предизвикот кој е пред нив“, дополнува Симов.
Во следното коло Силекс и гостува на Ренова, за која Симов вели дека според квалитетот е во најдобрите четири екипи во домашниот шампионат.
„Ренова е меѓу четирите најдобри екипи во првенството заедно со Шкендија, Вардар и Академија Пандев. Играат убав напаѓачки фудбал. Секогаш одат на гол повеќе. Натпреварите кои ги загубија, ги загубија поради недостиг на среќа, а беа подобри противници. Тие ќе бидат фаворити бидејќи играат на домашен терен. Сепак, моите играчи ќе дадат максимум и се надевам дека на крајот ќе успееме да стигнеме до бодови, кои ќе ни помогнат во борбата за опстанок“, заврши Симов.
Натпреварот од 30. коло во ПМФЛ меѓу Ренова и Силекс ќе се игра во среда во Тетово, со почеток во 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА