Симов: Успеавме да освоиме голем бод против Шкендија

Силекс ремизираше без голови на гостувањето кај шампионот Шкендија во рамки на 33. коло во Првата македонска фудбалска лига, задржувајќи ја минималната предност од еден бод пред Беласица во борбата за опстанок. Тренерот на тимот од Кратово, Горан Симов вели дека имале голема среќа бидејќи Шкендија иако со подмладен тим била далеку подобар противник.

„Стигнавме до бод на гостувањето кај Шкендија. Иако играа со подмладен тим беа далеку подобар противник. Единствено првите половина час се држевме и игравме на некое ниво. По повредата на Денис Ристов до крај не одигравме ништо. Ние дадовме се од себе и задоволен сум од бодот кој го освоија фудбалерите. Но, во животот треба да се биде искрен и реален, а реалноста е дека цело второ полувреме не излеговме од нашата половина. Ќатип Османи не е тренер, тој е „тренериште“, а ние имавме среќа што стигнавме до бод кој многу ни значи во борбата за опстанок“, изјави Симов. 

До крајот на првенството остануваат уште три кола, а следен предизвик на тимот од Кратово е најтрофејниот македонски клуб Вардар.

„Доколку одиграме против Вардар како против Академија Пандев сигурен сум дека ќе стигнеме до бодови. Сакам да го пофалам стручниот тим на Вардар на чело со Александар Васоски, кои и кога играат со подмладен тим даваат максимум на секој натпревар и не калкулираат, иако до крајот на сезоната нема за што да се борат. Ќе одиме на победа и се надевам дека ќе освоиме три бода кои ќе значат многу во борбата за опстанок“, додава Симов. 

По натпреварот со Вардар, за кратовци следуваат последните два натпревари во кои се среќаваат со директните ривали за опстанок, Македонија ЃП и Беласица, а Симов вели дека е рано да се зборува за тие противници.

„Ние одиме од натпревар во натпревар. Прво да одиграме со Вардар, бидејќи по 34. коло многу работи ќе бидат познати. Да освоиме бодови со Вардар, па потоа ќе размислуваме на последните два меча кои ќе бидат клучни во борбата за опстанок“, завршува Симов. 

34. коло во ПМФЛ на програмата е в недела, а покрај натпреварот меѓу Силекс и Вардар, се среќаваат и Победа – Шкендија, Работнички – Македонија ЃП, Ренова – Академија Пандеви и Шкупи – Беласица. Сите мечеви се со почеток од 16.30 часот.

Се вчитува...