Симултанка на Чавдар Костов во Битола

Работнички очекувано лесно и убедливо славеше на гостувањето во Битола против Пелистер (63-110), меч што брилијантно го одигра единствениот странец на актуелниот првак, Чавдар Костов. Бугарскиот интернационалец беше незапирлив за битолчани завршувајќи го натпреварот со 40 поени, шест скокови и три асистенции.

Извонредниот офанзивен настап на Работнички беше најавен уште во првата четвртина, во која „црвено-белите“ постигнаа дури 31 поен (19-31). Предноста на гостите од Скопје растеше како што одминуваше времето, на одмор се замина со убедливи 34-56, за избраниците на Марин Докузовски да го добијат овој натпревар со убедливи 47 поени разлика.

Покрај одличниот Костов, најефикасни кај победничкиот тим беа Стајиќ со 17 и Николовски со 13 поени. Билер со 20 поени беше најдобар стрелец во редовите на Пелистер.

Се вчитува...