„Сините“ по нова домашна радост, стружани бараат прв гостински триумф

Ако штипска Брегалница не знае за пораз на домашен терен сезонава, тогаш Струга Трим Лум го бара првиот сезонски триумф надвор од својот стадион.

Токму од тука дуелот во Штип денеска од 15 часот привлекува големо внимание. Две екипи кои ќе атакуваат на трите бода. Брегалница ќе сака да покаже дека поразот од Ренова и приметните пет гола биле само лош ден, со тоа што ќе ги израдуваат своите навивачи со победа денеска.

„Сакаме против Струга ТЛ да се вратиме на победите. Зад нас останува дуелот со Ренова, утврдени се грешките и изминативе денови завршени се анализите од натпреварот, па сега комплетно се концетрираме на пресметката со една од најдобрите екипи во лигата. Максимално го респектираме тимот на Струга ТЛ но знаеме и веруваме доколку одиграме на високо ниво дека можеме до трите бода“ – вели Јован Манев.

Струга Трим Лум, пак, може да жали што во дуелот со Шкендија не дојде до победата. Имаше водство, но не успеа во намерата да стигне до трите бода. Овој тим на гостински терен сезонава има проблем, но во таборот на стружани се убедени дека имаат квалитет за победа.

„Ја знаеме важноста на овој натпревар и квалитетите на нашиот противник, но верувам дека ќе дојдеме до позитивен резултат. Ние сме тим кој е добро воигран, добро се познаваме меѓу себе, знаеме што сакаме, и можам да кажам дека имаме квалитет денеска да дојдеме до победата“, изјави Клисман Цаке, фудбалерот на Струга Трим Лум.

Во другите натпревари, Скопје на домашен терен игра со Академија Пандев, Пелистер ќе ги одмери силите со Тиквеш, а Ренова гостува на Македонија ЃП. Шкендија во Тетово го чека Борец, додека 9-тото коло се комплетира утре со дербито меѓу Шкупи и Работнички на „Чаир“.

Натпреварите почнуваат во 15 часот, а сите најинтересни моменти со текстуален пренос во живо следете ги на ЕКИПА.

ПРВА ЛИГА – 9. КОЛО (денеска, 15 ч.)

Штип: БРЕГАЛНИЦА – СТРУГА ТЛ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – РЕНОВА

Битола: ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ

Скопје: СКОПЈЕ – АК. ПАНДЕВ

Тетово: ШКЕНДИЈА – БОРЕЦ

УТРЕ (15 ч.)

Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ

Се вчитува...