Огромно е разочарувањето во таборот на Црвена Звезда во првиот дел од оваа сезона откако „црвено-белите“ најпрвин не ја остварија целта за влез во Лигата на Шампионите, а потоа и слабо го почнаа настапот во Лигата на Европа.
Српскиот првак во првото коло ремизираше дома со Селтик, потоа загуби од Порто, а најголемото разочарување беше доживеано на синоќешниот пораз од Брага, поради конечните 2-0, но уште повеќе поради катастрофалното издание на теренот.
Информациите од Србија говорат дека челниците на клубот биле бесни на ваквото безживотно издание на теренот, па се решиле и за финансиски санкции за фудбалерите. Според „Спортал.рс“, првиот човек Звездан Терзиќ имал состанок со играчите по враќањето назад во Белград, јасно ставајќи до знаење дека ваквиот однос на теренот е неприфатлив, воедно известувајќи ги фудбалерите дека секој од нив ќе добие 10.000 евра помалку од предвидените пари што им следуваат согласно договорите.
Останува да се види каква ќе биде реакцијата по оваа шок-терапија, јасно е дека Црвена Звезда веќе нема право на грешка во Лигата на Европа, а српскиот тим во следното коло на 6 ноември во Белград ќе го пречека француски Лил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

