Сите македонски ракометари се негативни, се чека само повик за лет за Египет

Македонските ракометари се наоѓаат во карантин, очекувајќи во следните дваесетина часа да добијат евентуален повик во последен момент за настап на СП 2021 во Египет. Селекторот Брестовац ги собра ракометарите кои би настапиле на мундијалот во случај на „вајлд-карта“, а добра вест е што на последното тестирање сите добиле негативни резултати.

„Сите сме собрани и ја очекуваме разврската. Добро е што сите сме негативни на тестирањето што беше извршено синоќа, така што сме подготвени да полетаме за Египет доколку се случи да бидеме повикани. И самите читаме бројни информации од најразлични земји, но се уште немаме добиено ништо официјално. Седиме и чекаме повик, најдоцна до утре, бидејќи потоа ќе мораме да им дозволиме на ракометарите да се вратат во своите клубови“, изјави селекторот Данило Брестовац.

Африканската селекција Зеленортски Острови има најмалку седум позитивни ракометари, со што е сериозно доведен во прашање нејзиниот настап на СП 2021. САД има најмногу позитивни случаи, дури 18, но Американците најавија дека се подготвени да отпатуваат и со 12 ракометари за Каиро, само за да не го откажат настапот на мундијалот во ситуација кога имаат богат договор за ТВ права со ЕСПН.

Се вчитува...