Сите мислеа дека се смири, а Балотели продолжува со глупости

Кога се мислеше дека Марио Балотели го поправи своето однесување и конечно созреа, тој направи нова глупост. Италијанецот е пред суспензија од осум натпревари во Лига 1, бидејќи се верува дека намерно, му го скршил носот на одбранбениот фудбалер на Бордо, Пабло Кастро.

До инцидентот дојде на мечот меѓу Бордо и Олимпик Марсеј, кој домаќините го добија со 2-0. Балотели во игра влезе во 69. минута и веднаш влезе во конфликт со Кастро. Во моментите кога беа еден од друг, а топката не беше блиску до нив, Балотели со лакт го удри противникот и му го скрши носот. Судијата не ја виде ситуацијата, но од тимот на Бордо побараа повторно да се погледне снимката и да се започне постапка против Италијанецот.

Ако се докаже дека Балотели намерно го удрил Кастро, тој може да добие казна од пет до осум натпревари суспензија. Бидејќи Балотели има историја околу испади на фудбалските терени, се очекува тој да добие максимална казна.

По скршеницата Кастро го продолжи натпреварот, а во 82. минута доби црвен картон откако намерно го удри со рамо Балотели, во моментот кога тој поминуваше покрај него.

 

Се вчитува...