Сите можни ривали на Силекс: Црвена Звезда, Селтик …

Силекс е во исчекување на понеделничката ждрепка, кога кратовци ќе го дознаат својот противник во квалифациите од Лигата на Шампионите. Фудбалерите на Силекс профитираа од недобивањето европска лиценца на Вардар и ќе го претставуваат мак-фудбалот во квалификациите за елитното европско натпреварување. Поради слабиот рејтинг, јасно е дека кратовскиот прволигаш ќе се најде во групата на неносители, што само по себе ќе му донесе многу потежок ривал уште на стартот од оваа европска авантура.

Шкотскиот гигант Селтик на хартија важи за најлоша варијанта за кратовци, а можни се и дуели со „соседни клубови“, доколку за ривал се добие Црвена Звезда од Србија или Лудогорец од Бугарија. На листата на потенцијални ривали се наоѓаат и Астана, Карабах, Легија, Макаби Тел Авив, Шериф, Молде, Ференцварош, Дундалк, Слован Братислава, Судува, Омонија, Сараево и Динамо Тбилиси.

УЕФА веќе објави дека наместо досегашните дуели „дома-гости“, овојпат ќе се игра само еден натпревар, а со ждрепка ќе биде одредено кој од двата тима ќе ја има улогата на домаќин (средбата секако ќе се игра пред празни трибини). Не се исклучува ниту можноста натпреварот да се игра на неутрален терен, откако се појавија информации дека дел од овие средби би можеле да се играат на Кипар.

Се вчитува...