Сите погледи кон Хуан Фелипе: Лично, не размислувам за ништо друго освен победа!

Бразилскиот интернационалец во редовите на Вардар, Хуан Фелипе е централната фигура од црвено-црните редови кон која вардаровите навивачи ги насочуваат сите свои надежи за добар резултат на вечерашниот дуел од 3. коло во Лигата на Европска меѓу македонскиот шампион и шпански Реал Сосиедад.

„Секако не бевме среќни во првите две рунди од Лигата на Европа со поразите од Зенит и Розенборг. Сега играме дома и не размислуваме за ништо друго освен победа, како би ги задржале шансите и за пласман понатаму во европското натпреварување“ – истакнува бразилскиот фудбалер.

Бразилецот го постигна првиот историски гол за Вардар во Лигата на Европа, против Розенборг, е беше и најзаслужниот за последната победа од 4-2 во домашниот шампионат на дербито против Шкендија.

„Таа победа против Шкендија беше многу значајна за нас, меѓу другото и поради ривалитетот меѓу двата тима. Тој триумф ни ја засили и самодовербата носејќи ни и дополнителен мотив за позитивен резултати и против Реал Сосиедад“ – вели Хуан Фелипе.

Натпреварот меѓу Вардар и Реал Сосиедад на националната арена „Филип Втори“ почнува од 19 часот.

Се вчитува...