„Сите тенисери ќе дојдат во Мелбурн, па дури и Федерер“

Директорот на Австралија опен, Крег Тајли е убеден дека најдобрите тенисери во светот ќе учествуваат на првиот „грaнслем“ во сезоната. Стартот на турнирот во Мелбурн е закажан за почетокот на февруари, ќе се игра под посебни протоколи, но тоа нема да ги спречи асовите да излезат на терен во битката за големиот трофеј.

Се уште е неизвесно дали Роџер Федерер ќе се рехабилитира навреме од својата повреда, но организаторите се оптимисти дека и швајцарската тениска легенда ќе биде дел од овој турнир.

„Пријавите за учество наскоро се затвораат. Во овој момент, сите играчи во светот се обврзаа да бидат во Австралија. Дури и Роџер. Ќе обезбедиме летови за сите учесници, кои ќе треба да направат негативен тест за коронавирус 48 часа пред патувањето. Кога ќе пристигнат, повторно ќе бидат тестирани. Тие ќе останат во своите соби се додека не добијат негативни резултати. На располагање ќе имаме хотел само за играчи, а ќе се обезбеди и превоз до терените. Две недели натпреварувачите ќе можат да бидат само во хотелот или на терен. За време на периодот, тие ќе бидат тестирани често“, изјави Тајли.

Квалификациите за „АО“ ќе се играат во Доха од 10 до 13 јануари. Потоа, тенисерите се очекува да се преселат во Мелбурн, каде се очекува задолжителниот карантин, а потоа и почетокот на главниот дел од турнирот. Титулите ќе ги бранат Новак Ѓоковиќ и Софија Кенин.

Се вчитува...