Сити е баш моќен, а Арсенал тера по старо и со Емери

Манчестер сити покажа зошто е актуелен првак на Англија откако во премиерното дерби од новата сезона „граѓаните“ славеа со 0-2 на гостувањето против Арсенал. Пеп Гвардиола го почна мечот без неколку вообичаени стартери како Де Бруине, Сане, Давид Силва и Отаменди, но тоа не се одрази врз играта и резултатот, Сити доминираше речиси цел натпревар и заслужено стигна до цел плен на овој натпревар.

Унаи Емери дебитираше со пораз во Премиер-лигата, решавајќи се за неколку храбри одлуки како онаа за настап од првата минута на младиот Гвендузи, кој и покрај желбата и залагањето не беше достоен ривал за ѕвездите од средниот ред на Сити.

Првиот погодок на овој дерби дуел беше дело на Рахим Стерлинг, потоа при резултат 0-1 Агуеро промаши зицер „еден на еден“ (по огромната грешка на Гвендузи) пред конечните 0-2 да ги постави Бернардо Силва.

Арсенал во второто коло го очекува нов дерби дуел, овојпат на гостински терен против Челси, додека Манчестер сити не би требало да има тешка задача пред своите гледачи против екипата на Хадерсфилд.

Се вчитува...