Сити ја потврди класата, Реал пак подобар од Аталанта

Манчестер Сити рутински се пласираше во четвртфиналето од Лигата на Шампионите откако тимот на Пеп Гвардиола славеше и на вториот меч против Борусија Менхенгладбах, повторно на неутрален терен во Будимпешта со резултат 2-0. Гвардиола се реши за формација без класичен напаѓач, оставајќи ги и Агуеро и Хесус на клупата, но тоа не беше проблем за „граѓаните“ да стигнат до нова победа.

Кевин де Бруине го отвори резултатот со феноменален погодок од работ на шеснасетникот, а веднаш по белгискиот ас во листата на стрелци се запиша и Илкај Гундоган, потврдувајќи уште еднаш дека фантастично се снаоѓа во улогата на „лажна деветка“.

Реал Мадрид заслужено се најде меѓу осумте најдобри клубови во Европа откако „кралевите“ славеа и на вториот меч со Аталанта, овојпат на домашен терен со 3-1. Гостите промашија убава шанса веќе во втората минута, по што избраниците на Зидан го контролираа темпото на мечот. Пресудна беше големата грешка на голманот Спортиело, кој му ја додаде топката на Модриќ, а Хрватот асистираше до Бензема за водство на Реал.

Ваквиот развој на настаните придонесе Аталанта да мора целосно да се отвори и да остави простор што Реал го искористи да постигне и втор гол, овојпат со пеналот на Рамос откако фаулиран во шеснаесетникот беше Винисиус. Муриел постигна еврогол од слободен удар во 83. минута, но сите надежи за чудо на Атааланта потонаа веќе наредниот напад, кога Асенсио ги постави конечните 3-1 на натпреварот.

Се вчитува...