Килијан Мбапе е на добар пат конечно да се пресели во Реал Мадрид откако „кралевите“ се вратија во игра испраќајќи и трета понуда за ангажман на францускиот суперголгетер од ПСЖ. „Скај Спортс“ прв ја објави информацијата за трета понуда од Реал за Мбапе, најавувајќи дека „светците“ се подготвени да ја прифатат за да не си дозволат да загубат огромна сума, со оглед на фактот дека тој следното лето ќе може без никаква отштета да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.
Откако беа одбиени првите две понуди од 160 и од 180 милиони евра, Реал конечно се реши за плати 200 милиони евра за Мбапе. Од оваа сума, идентично како и при втората понуда 170 милиони би биле платени при комплетирањето на трансферот, додека 30 милиони ќе бидат врзани со неколку клаузули. Неофицијално, овие клаузули би биле лесно остварливи, што би значело дека ПСЖ за најдоцна една до две години би ги наплатил и преостанатите 30 милиони евра од овој мегатрансфер.
Флорентино Перез дефинитивно не жали пари за веќе летово да го донесе Мбапе, но на потег се „светците“ од Париз. Леонардо и Ал Келаифи досега јавно не ја одредија цената што ја очекуваат за да дадат зелено светло за заминување на Французинот, но 200 милиони евра дефинитивно е предобра цифра за да биде одбиена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА