Скаут на Базел на „Филип втори“ по Елиф Елмас

Квалитетите на Елиф Елмас се добро познати на македонската фудбалска јавност, но младиот и суперталентиран играч на Работнички се повеќе го привлекува вниманието на големи клубови ширум Европа. Така, денеска на трибините на „Филип втори“ за дербито меѓу Вардар и Работнички на националната арена се најде и скаут на Базел, кој има за задача да го следи настапот на ова 17-годишно „чудо од дете“.

Елмас уште минатата сезона се наметна со солидни игри во дресот на „романтичарите“, а годинава важи и за еден од лидерите на „романтичарите“. Воедно, овој фудбалер со 17 години веќе стана член на нашата селекција за играчи до 21 година, а само прашање на време е кога ќе добие шанса и на некој од пријателските натпревари на сениорскиот тим.

Само за потсетување, за Елмас повеќе од една година сериозен интерес искажува Херенвен, но добрите игри на сениорско ниво придонесоа уште поголеми клубови да се заинтересираат за младиот Македонец, пред кого сигурно е блескава фудбалска иднина.

Се вчитува...