ЕКИПА во Израел,
Никола Ѓуровски
По последниот тренинг пред утрешниот натпревар, македонскиот селектор Игор Ангеловски и дефинитивно ги „склопи коцките“ на првиот тим за мечот со Израел во Бер Шева.
И покрај стравувањата за можна неподготвеност, се чини извесно е дека македонската репрезентација ќе биде предводена од капитенот Горан Пандев кој го одработи вечерниот тренинг на националниот тим. Пандев во нападот треба да биде заедно со офанзивецот на Удинезе, Илија Несторовски.
Веднаш зад офанзивната тројка треба да биде Елиф Елмас, а во средниот ред се очекува да стартува и Аријан Адеми кој веќе се врати во комплетен ритам по проблемите со повредата. Доколку се одлучи, сепак, да не се ризикува со Адеми тогаш во првите 11 на Ангеловски ќе стартува Бобан Николов, заедно со веќе стандардниот контролор на средината Енис Барди.
Во дефанзивата, покрај стандардната тројка Дарко Велковски, Висар Муслиу и Кире Ристевски, на крилните дефанзивни позиции треба да бидат Езгијан Алиоски и Егзон Бејтулаи. На голот очекувано Столе Димитриевски.
Македонија во петтиот натпревар од Групата Г во квалификациите за ЕП 2020 против Израел игра утре со почеток од 20:45 часот во Бер Шева.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА