Скопје знае како да слави победи против Партизан (ВИДЕО)

АБА лигата денеска од 16 часот се враќа во Скопје на спектакуларен начин со гостување на еден од најуспешните клубови на просторите на поранешна Југославија – Партизан. „Црно-белите“ секогаш кога доаѓаат во нашиот главен град предизвикуваат голем интерес, но не секогаш фаворизираните гости си заминуваат со кренати глави.

Во дебито на МЗТ Скопје на регионалната сцена, Партизан беше поразен со 66-64 во СЦ „Борис Трајковски“ пред шест илјади навивачи. На 16. март 2013 година белградскиот тим пристигна во Скопје со имиња како Никола Милутинов, Богдан Богдановиќ, Лео Вестерман, Владимир Лукиќ, Данило Анџушиќ, Давис Бертанс…, но на нивниот пат застанаа расположените македонски репрезентативци. Чековски беше најдобриот поентер со 21 постигнат поен и 7 скока, а Дамјан Стојановски со пет асистенции носеше отворени обиди за својот тим за една од најголемите победи во историјата на клубот.

Во 2013 година Партизан едвај се извлече од пораз (69-70), но казната стигна до 2015 година кога браќа Луковиќ пред четири илјади навивачи во СЦ „Јане Сандански“ го предводеа македонскиот тим до триумф од 82-78. На истото место во 2017 година „сино-белите“ забележаа уште еден голем триумф славејќи со 92-89 во отварањето на сезоната.

Предводени од Дамјан Стојановски и неговите 25 поени и 5 скока и Бојан Трајковски и неговиот дабл-дабл од 20 поени и 14 скока МЗТ Скопје ја забележа последната победа против великанот на АБА лигата, но за жал истата сезона подоцна го донесе и последниот настап во елитното друштво.

Партизан денеска гостува во Скопје како евролигаш, апсолутен фаворит, но едно нешто што ги спојува сите овие победи е капитенот Стојановски. Дамјан е секогаш тука да му помогне на својот тим во одлучните моменти, а така ќе биде и денеска кога нема да му биде тешко да ги измотивира своите соиграчи за 40. минутна борба против Партизан.

Се вчитува...