Скубе: Брзи нозе и ладни глави, тоа е рецептот за победа над Македонија

ЕКИПА во Дебрецин,

Стеван Цаневски

Словенците не бегаат од фаворитската улога на денешниот меч со Македонија, но Сташ Скубе е еден од оние кои најгласно предупредуваат дека оваа селекција нема да има нималку лесна задача на дуелот во „Феникс арена“ во Дебрецин.

„Ние сме фаворити, знаеме дека имаме подобар тим од Македонија, но свесни сме дека подобрите несекогаш победуваат, особено на првите натпревари на шампионатите. Знаеме дека Македонците ќе бидат опасни, ќе го одиграат мечот со 200% од своите можности, ќе имаат и поддршка од трибините. Брзи нозе и ладни глави, тоа е нашиот рецепт за успех. Имаат двајца пивоти што не играат одбрана и секогаш се менуваат, тоа е нешто што би сакале да го искористиме со брза транзиција“, изјави Скубе.

Словенците се подготвени и за тактиката „седум на шест“, што Македонија речиси сигурно ќе ја игра во одреден дел од денешниот меч.

„Претходно играа побавен ракомет со Червар и со Раул Гонзалес како селектори, сега Македонците се поактивни, побрзи. Сепак, знаат на периоди да го заменат голманот и да тргнат со седум на шест. Се подготвувавме за тоа“, порачува поранешниот член на Вардар, сега ракометар на Брест Мешков.

Се вчитува...