Скубе: Мојот сон е Ф4 со Вардар во Лигата на шампионите

Сташ Скубе пристигна во Вардар од редовите на Пик Сегед во текот на летото, по што словенечкиот среден бек експресно се промовираше во вистински „командант“ во нападот на „црвено-црните“. Предизвикот воопшто не беше мал, да се наследи Лука Циндриќ како организатор на играта на „вардарци“, но Скубе одговори на најдобар можен начин. Во разговор за официјалната веб-страница на Вардар, словенечкиот интернационалец не го крие задоволството од експресната адаптација во новата средина, како и одличните резултати на Вардар во првиот дел од сезоната.

„Мислам дека сите треба да сме многу задоволни од резултатите, и играчите и стручниот штаб, а и публиката, која е незаменлива потпора и мотивација за екипата и на најтешките натпревари. После десеттото коло од Лигата на шампионите имаме 13 бодови и имаме добри услови да се одржиме на втората позиција на табелата во нашата група. И во СЕХА лигата сме на врвот од табелата, така што целта е исполнета. Трансферот во Вардар што се покажа како полн погодок за продолжување на мојата професионална кариера“ – истакнува Скубе.

Скромниот Словенец има една желба за 2019 година – и тоа многу голема.

„Во новата година си посакувам здравје и успешен Вардар. Да играм на Ф4 во Лигата на шампионите со Вардар, тоа е она што ми е голем сон за 2019“ – открива Сташ Скубе.

Се вчитува...