Скубе: Нема да плачеме поради проблемите, ќе дадеме 200% за Вардар

Сташ Скубе и сезонава е еден од лидерите на тимот на Вардар, но Словенецот не крие дека е разочаран од случувањата во таборот на „црвено-црните“. Големата финансиска криза предизвика сериозен удар, дел од ракометарите си заминаа среде сезона, па сега шансите на Вардар за нов пласман на Ф4 турнирот во Келн се сведени на теорија.

„Јас како играч сум навикнат да се борам за трофеи во сите натпреварувања. Тип на човек сум што секогаш сака предизвици, затоа сега ми е многу жално што ова му се случува на Вардар. Треба да бидеме реални, ланскиот тим што ја освои ЛШ беше најмалку 40% посилен од овој состав на Вардар, минимални се шансите такво нешто да се повтори. Сепак, ако немавме срце и карактер, немаше да станеме европски шампиони“, истакна Скубе за официјалната веб-страница на ЕХФ.

Противник на Вардар во осминафиналето од Лигата на шампионите ќе му биде Пик Сегед, унгарскиот вицепрвак за кој Скубе настапуваше пред да го облече дресот на „црвено-црните“.

„Добро се познаваме со Пик Сегед, одигравме многу натпревари низ годините, така што не очекувам преголеми тактички изненадувања. Ситуацијата е многу тешка, но знам дека ќе дадеме 200% од себе и сигурно нема да плачеме поради проблемите со кои се соочуваме“, порачува Сташ Скубе.

Се вчитува...