Скубе по првиот тренинг: Вардар е силен, само да не послужи здравјето

Новиот тренер Стевче Алушовски ја изврши првата прозивка на ракометарите на Вардар кои немаат репрезентативни обврски со што европскиот првак и официјално ја отвори 2020 година со активности.

Еден од оние кои од прв ден му се на располагање на Алушовски е Словенецот Сташ Скубе.

„Би рекол дека навистина имавме проблеми во ноември и декември, затоа и имавме малку полоши резултати. Се надевам дека сите од ЕП ќе се вратат здрави и конечно да одиграме некои натпревари комплетни. Јас и натаму тврдам дека Вардар е квалитетен и јак, и може да има добри резултати. Можеби немаме многу играчи за ротација и толку квалитетни, но и лани беше слично па стигнавме до финалето.Секогаш сум оптимист и само да бидеме здрави“, вели Сташ Скубе.

Првиот тренинг во 2020 беше и прв за тренерот Стевче Алушовски кој по 10 години повторно е дел од „црвено-црните”. Сега на клупата како прв стратег.

„Среќен сум што сум дел од Вардар, како европски шампион. Спомените се тука. Малку е изменет амбиентот кога јас играв и сега со овој спортски објект, и со она што го има освоено клубот. Среќен сум што ќе работам со оваа група на луѓе што се победници. Треба да се запознаеме, едно е гледање на натпревари, друго е нa тренинг. Секој што ќе заслужи и ќе покаже на тренинг ќе добие шанса. Имаме 30 натпревари и ќе треба доста да ротираме и да се чуваме за најважните натпревари“, вели Алушовски.

Вардар сезонава брани три трофеи, во домашното првенство, СЕХА Газпром лигата и во ЕХФ лигата на шампионите.

Се вчитува...