Скубе пред Вардар: Чудно е кога играш против добри пријатели

Ракометарите на Вардар се свесни дека ако сакаат да го изненадат Брест Мешков, прво нешто што ќе мора да сторат е да најдат начин да го неутрализираат Сташ Скубе. Словенецот мина две извонредни сезони во дресот на „црвено-црните“, но летово реши да ги промени клупските бои и се пресели во редовите на Брест Мешков, но во изјава за клупскиот сајт јасно става до знаење дека се уште е крајно приврзан за голем дел од поранешните соиграчи.

„Утрешниот натпревар е специјален за мене. Ги минав најубавите години во кариерата во Скопје, имам многу пријатели таму. Чудно е кога ќе играш против добри пријатели, уште повеќе што тоа ќе се случи веќе во првото коло од ЛШ. Сепак, јасно е, на терен сите сме професионалци, а по натпреварот ќе си останеме пријатели. Се уште сум во контакт со голем дел од соиграчите, се видовме пред извесно време на Ф4 турнирот во Задар, но не дискутиравме за оваа средба во Лигата на Шампионите“, истакна Скубе.

Словенечкиот бек предупредува дека слабите резултати на Вардар во подготовките не смеат да доведат до опуштање во редовите на неговиот нов тим.

„Тешко е да се каже кои се вистинските можности на Вардар со толку многу нови ракометари. Сепак, кога јас дојдов во клубот губевме од кого стигнавме во подготовките. На крајот на истата таа сезона станавме европски шампиони. Затоа, мора да се биде внимателен бидејќи Вардар ќе биде опасен ривал за сите екипи во групата“, предупредува поранешниот ас на „црвено-црните“.

Се вчитува...