Скубе: Самсоненко веќе нема да биде во Вардар!

Вардар ја минува најтурбулентната сезона во клупската историја, ракометарите идентично како и лани се без земени плати цела сезона, па дел од нив одлучија да си заминат непосредно по завршувањето на ЕП 2020. Сергеј Самсоненко неколку пати се закануваше со заминување, но веќе станува јасно дека Русинот нема финансиска моќ за да раководи со „вардарци“. Неговото заминување од клубот е сосема извесно, тоа во денешниот „подкаст-разговор“ за „Балкан Хендбол“ го потврди и Сташ Скубе.

Словенечкиот бек откри дека заминувањето на Самсоненко веќе им било потврдено на ракометарите, кои се уште немаат конкретни информации дали некој од нив ќе остане и наредната сезона.

„Јас сум оптимист и искрено се надевам дека работите ќе тргнат на подобро. Сакаме чесно до крајот да ја доиграме сезонава, па ќе видиме како ќе се развива ситуацијата. Она што го знаеме е дека Сергеј Самсоненко нема да биде во клубот, јас не знам да кажам што ќе се случува следната сезона. Скопје живее за ракометот, затоа и се надевам дека ќе се најде некој што ќе го врати Вардар на посакуваните патеки“, истакна Скубе во разговор за „Балкан Хендбол“.

Изјавата на Скубе е само уште една потврда на најавите дека Михајло Михајловски е подготвен за враќање назад на чело на Вардар, преземајќи ја назад улогата на прв човек што пред неколку години му ја додели на Русинот.

Се вчитува...