Скубе уште една сезона во Вардар?

Сташ Скубе се покажа како огромно засилување за Вардар сезонава, а реални се шансите Словенецот да остане во Скопје и во наредната сезона по пропаѓањето на најавениот трансфер во Кјелце. Полскиот првак не ја криеше желбата да го доведе Скубе, но проблем во преговорите беше должината на договорот. Поточно, Кјелце инсистираше на долгорочна соработка, додека Словенецот не сакаше ни да чуе за договор подолг од една година, јасен предзнак дека најверојатно веќе има договорено трансфер за 2020 година.

„Скубе не доаѓа, преговорите колабираа и нема да бидат продолжени. Не сакавме да го потпишеме на само една година, а мое лично мислење е дека за 2020 година има договорено трансфер во клуб од самиот врв, најверојатно ПСЖ, бидејќи останатите елитни клубови се добро покриени на позицијата среден бек“ – изјави претседателот Бертус Сервас за полските медиуми.

Доколку ваквите информации на Сервас се точни, тогаш Вардар ќе има реални шанси да го убеди Скубе да остане и во наредната сезона, за потоа да го реализира веќе договорениот трансфер во 2020 година. Секако, најпрвин сегашниот газда ќе треба да му ги исплати на Словенецот парите што му ги должи за сезонава, по што новата управа би преговарале со Скубе за финансиските услови за тој да продолжи да го носи дресот на Вардар и во сезоната 2019/2020.

Се вчитува...