Скубе: Вардар беше феномен – со осум играчи до европска круна

Сташ Скубе си замина од Скопје и од Словенија го очекува стартот на новата епизода во кариерата, откако веќе потпиша договор со Мешков Брест. Во меѓувреме, словенечкиот бек во интервју за белоруска „Трибина“ вели дека спомените од настапите за Вардар ќе ги памети до крајот на животот.

„Тоа ми беше еден од најубавите моменти во животот – прв фајналфор и веднаш европска титула. Работевме напорно, собравме сили и покрај добро познатите проблеми, но настапивме како тим, со силен карактер и на крајот славевме. Тоа беше феномен, стигнавме до титулата иако немавме преголема поддршка од клупата. Со осум, максимум девет играчи до триумф во Келн, тоа е успех што мислам дека никој нема да може да го повтори. Навистина, имавме и среќа на моменти, но среќата треба и да се заслужи“, вели Скубе.

Словенецот обелодени и што било клучен фактор за победата во финалето против Веспрем.

„Многу потешко ни беше против Барселона, губевме со седум гола на полувреме, но со неверојатен камбек победивме. Против Веспрем ни беше полесно, не чувствувавме никако притисок, само излеговме на терен и уживавме. За разлика од нас, Веспрем шест пати играл во Келн и немаше трофеј во трибините, тоа се покажа како огромен товар врз унгарскиот тим. Ние немавме што да загубиме, одигравме извонреден меч и заслужено триумфиравме“, се потсетува средниот бек.

А враќањето во Скопје е исто така нешто што Скубе ќе го памети цел живот.

„Тоа беше бајка, нешто што не се заборава. Се враќавме во автобусот, по улиците чекаа и поздравуваа над 100.000 луѓе. Македонците се луди навивачи, најдобри во целиот свет. Сите го сакаат Вардар, живеат за Вардар. Искрено посакувам клубот да остане на високо ниво во иднина, бидејќи има неверојатни фанови“, порачува Сташ Скубе.

Се вчитува...