Слаба утеха: ЕХФ со мини-премија за Вардар

ЕХФ го елиминираше Вардар од ЛШ со одлука на „маса“, не давајќи му шанса на актуелниот европски првак на терен да го одбрани трофејот. Одлуката ПСЖ, Барселона, Кил и Веспрем директно да одат на Ф4 во Келн предизвика бурни реакции во ракометната јавност, а европската куќа на ракометот не се истакна многу ниту со решението за отштета за оние екипи од осминафиналињата на кои им беше ускратена можноста за пласман на завршниот турнир, што ќе се одржи на крајот од годинава.

На состанокот на Извршниот Комитет на ЕХФ беше донесена одлука Вардар и останатите тимови кои беа оштетени на ваков неспортски начин да добијат мини-премии во висина од 25.000 евра. Станува збор за сума што е премногу мала за да може да се нарече утеха, а ЕХФ дефинитивно има уште многу пат за одење за да ги стигне врвните спортови од организациски и од финансиски аспект.

Останува да се види кога ќе бидат исплатени парите и дали тогаш управата на „вардарци“ ќе ги искористи да покрие барем дел од натрупаните долгови кон ракометарите.

Се вчитува...