МЗТ Скопје триумфално ја почна новата сезона во АБА2 лигата славејќи над Младост Земун со 97-90 на стартот од балонот што се одржува на Златибор. „Металците“ одиграа беспрекорен офанзивен натпревар во кој го демолираа противникот, од кого беа елиминирани ланската сезона во плејофот од АБА2 лигата. Нападот функционираше беспрекорно, истото се однесува и на офанзивните скокови, а МЗТ допрва ќе напредува и во играта во одбрана, како што ќе се воигрува тимот со бројни нови кошаркари.
Бојан Крстевски со прецизна тројка ги постигна првите поени за МЗТ Скопје во новата сезона во АБА2, а македонскиот првак набрзина поведе со 7-0, потоа и со 9-2. Младост набрзина се врати, „металците“ го имаа Робев, кој одигра значајна улога од клупата и првата четвртина заврши со минимално водство на МЗТ од 28-26. Македонскиот шампион беше подобар и на почетокот од втората четртина, кога „сино-белите“ поведоа со 38-30. Тренерот на Земун беше принуден да побара тајмаут, по што српскиот претставник за момент ја консолидираше играта, за МЗТ сепак да замине на одмор со предност од 50-45, апсолутно заслужена во полувремето во кое „металците“ целосно го контролираа резултатот.
Младост одговори со подобро отворање на третата четвртина, во која ривалот од Србија поведе со 52-53. Чудниот судиски критериум придонесе МЗТ експресно да го исполни бонусот во оваа четвртина, но тимот од Земун не го искористи ова промашувајќи неколку слободни фрлања. МЗТ Скопје повторно влезе во ритам и поведе со 65-60, но Младост погоди пет тројки во третата четвртина и не дозволи „металците“ да се одлепат, па во последните десет минути се влезе со резултат 73-69 за македонскиот претставник.
МЗТ беше подобар противник на стартот од четвртата четвртина, со тројката на Николов стигнувајќи до 80-73. Кошаркарите на Младост не се предаваа, дадоа се од себе за да се вратат во мечот, па дури и кога Робев биеше прецизно за тројка за водство од 91-84, противникот од Србија немаше намера да крене бело знаме. Американецот Ливингстон погоди од далечина за Младост, прецизен за три поени беше и Белиќ, по што тренерот Радуловиќ беше принуден да побара тајмаут при водство на МЗТ од 93-90 на 52 секунди до крајот. Следниот напад на МЗТ Скопје делуваше безидејно, но Милошевиќ се избори за топката под обрачот, изнудувајќи и лична грешка, Искусниот центар беше еднаш прецизен од линијата за слободни фрлања, но потоа оствари уште еден значаен скок, овојпат во дефанзива по промашувањето на Ливингстон и стави печат на победата, изразена со конечни 97-90.
Дамјан Робев беше фантастичен постинувајќи 30 поени од клупата за резерви, Милошевиќ постигна 20 поени и 9 скокови, додека Рикиќ реализираше 10 поени и 9 скокови.
МЗТ Скопје во второто коло в четврток ќе се сретне со екипата на Рогашка од Словенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА