Барселона стигна до голема победа на гостински терен над Атлетико Мадрид со 2-4, исход со кој каталонците му се одмаздија на тимот на Диего Симеоне за поразот во првиот дел од сезоната, кога Барса доминираше речиси цел меч, но со гол во судиското продолжение гостите од Мадрид стигнаа до цел плен.
Овојпат ситуацијата беше спротивна, Атлетико беше тимот што го контролираше резултатот, Алварез погоди прв за 1-0, а кога на 2-0 зголеми Серлот се чинеше дека Барса ќе капитулира на „Ванда Метрополитано“.
Се чини клучен беше голот на Левандовски за 2-1, откако Полјакот погоди нецели две минути по погодокот на Серлот, враќајќи ја самодовербата кај својот тим. Барса продолжи да напаѓа, преку Феран Торес израмни на 2-2, а тимот на Ханси Флик незадоволен и од ваквиот исход продолжи со офанзивата кон голот на Облак.
Ваквиот пристап беше награден во судиското продолжение, кога ударот на Јамал од дваесетина метри закачи еден од домашните дефанзивци и заврши во мрежата. Атлетико тргна на се или ништо, а Барселона знаеше како да го искористи тоа и со вториот гол на Феран Торес ја запечати победата, што воедно значеше и прв домашен пораз на Атлетико оваа сезона.
Барселона со оваа победа сега има ист број бодови како и Реал Мадрид, но и меч помалку, оној одложениот на домашен терен против Осасуна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА