Слатка одмазда на Работник за Савехоф: Со гол во последната секунда до победа!

Еурофарм Работник ја запиша втората победа во Групата Ц од Лигата на шампионите, славејќи 32-31 против шведскиот шампион Савехоф со гол во последната секунда од натпреварот.

Битолчани имаа предност од шест гола на полуврмето, но успеаја да ги прокоцкаат за максимално израмнет финиш во кој Радовиќ постигна прекрасен гол во последната секунда за триумф.

Ракометарите на Еурофарм Работник одлично го почнаа натпреварот со агресивна игра во одбраната и прецизен напад кој донесе предност од шест гола разлика на полувремето (18-12). Одличен во првото полувреме беше Митревски на голот на битолчани со 10 одбрани, кој го понесе својот тим до убава предност.

Но, со стартот на второто полувреме ракометарите на Савехоф почнаа полека да ја топат предноста на Еурофарм. Македонскиот тим успеа да издржи единствено до 21-15 која беше најголема предност, за потоа Швеѓаните да почнат да ја намалуваат предноста.

Па од шест гола предност, во 49. минута Савехоф дојде до минус еден (26-25), а гостите потоа стигнаа и до израмнување во 53. минута за 27-27. Но, потоа низ тешка битка на двете страни, цврсти одбрани, Еурофарм со два едноподруго погодоци дојде до 29-27 во 56. минута. Низ неизвесна завршница, на 90 секунди до крајот по грешка во нападот на македонските ракометари, Швеѓаните дојдоа до 30-30. Па, Радовиќ на точно 60 секунди пред крајот постигна гол за 31-30, а Богојевиќ на 20 секунди до крајот повторно за израмнување за да Радовиќ со звукот на сирената донесе победа од 32-31.

Во 9. коло од ЛШ, Еурофарм Работник гостува на Кокс во среда на 20. ноември.

Се вчитува...