Словенечка бајка – Шпанија на колена, „дежела“ во финале

Феномалната словенечка репрезентација обезбеди историски пласман во финалето од Европското првенство, декласирајќи го досегашниот првак Шпанија со убедливи 92-72. Словенците одиграа неповторлив натпревар во кој шутираа фантастично за тројка, но и лесно го пробиваа рекетот крај бавните браќа Гасол, додека во одбраната ја искористија слабата шутерска вечер на противниците и на крајот заслужено стигнаа до победата. Шпанија до овој меч беше несовладлива со перфектни седум победи, но овојпат „црвената фурија“ немаше одговор за извонредните Словенци, кои предводени од одличниот стратег Кокошков испишуваат нови страници во својата спортска историја.

Словенците одлично го стартуваа полуфиналето, па по пет минути игра веќе сите членови на стартната петорка се запишаа меѓу стрелците. Трите тројки во низа (Рејнолдс, Драгиќ и Блажич) им дадоа самодоверба на словенечките кошаркари, на спротивната страна Шпанците ги промашија своите први шест шута за тројка, па Словенија неслучајно стигна до предност од 17-10. Словенија на крајот на четвртината имаше позитива од 25-19, пред се поради извонредниот шут за тројка (6/8, погодија пет различни кошаркари).

mark gasol spanija slovenija

На стартот од вториот период Словенија стигна до 30-22 и напад, но по нереализираната тројка на Драгиќ на спротивната страна погоди Састре, па Кокошков побара тајмаут. Дури и без Драгиќ и Рендолф на теренот Словенците постигнаа седум поени во низа, поведувајќи со најубедливи „плус девет“ (47-38), пред Пау Гасол да одговори со свои пет поени, па на одмор да се замине со резултат 49-45, полувреме во кое Словенија погоди дури десет тројки (10/15) со 67% успешност.

Шпанците форсираа игра на Пау и на Марк Гасол на стартот од полувремето што не им вроди со плод, па Словенија набрзина дојде до плус десет (55-45), принудувајќи го Скариоло на тајмаут. Сепак, одбраната составена од Пау и од Марк Гасол беше немоќна да ги запре налетите на Словенците, кои лесно го пробиваа рекетот, па стигнаа и до тринаесет поени разлика (65-52). „Фуријата“ се обидуваше со шутеви од далечина, но промашуваше, а Словенија го искористи тоа и ја заврши четвртината со убедливи 16 поени разлика (73-57).

goran dragic nad gasol

Препелич постигна тројка во првиот напад од четвртата четвртина, јасно ставајќи до знаење дека Словенците немаат намера да им дозволат на европските шампиони ниту најмала шанса за камбек. „Фуријата“ беше нокаутирана, а по новата тројка на Горан Драгич разликата ја надмина и границата од 20 поени (83-62), принудувајќи го немоќниот Скариоло на нов тајмаут. „Дежела“ до крајот не го намали темпото, добивајќи го мечот со убедливи 92-72.

Драгиќ и Рендолф беа најефикасни со по 15 поени, а повторно извонреден беше и Лука Дончиќ, кој го заврши натпреварот со 11 поени, 12 скокови и 8 асистенции, без ниту една загубена топка.

Словенија во своето прво финале на европските шампионати в недела ќе се сретне со подобриот од утрешниот дуел Србија – Русија. По едно вакво издание, но и поради фактот дека на досегашните осум дуели имаат осум победи, јасно е дека без оглед на противникот Словенците ќе важат за фаворити за златото.

Се вчитува...