Словенечка златна бајка, Србите пак „сребрени“

Словенија е новиот европски првак во кошарка откако оваа селекција во драматично финале славеше над Србија со резултат 93-85. Во меч за кој долго ќе се говори Горан Драгиќ одигра неверојатно прво полувреме, Србија потоа се врати, но Словенците го зададоа последниот удар – и тоа без Дончиќ (се повреди во третата четвртина) и без Драгиќ (беше повлечен од Кокошков поради слаба игра на неполни четири минути до крајот). Словенечката кошаркарска бајка заврши со златен медал, додека Србите го загубија и третото финале во последните три години, по оние од САД на СП и на ОИ во Рио де Жанеиро.

Српските кошаркари пофокусирани влегоа во натпреварот, доминирајќи пред се на центарските позиции. Во периодот кога Словенија инсистираше на удари од далечина (погоди само еден од првите шест), Кузмиќ почна одлично, а по неговото излегување во ист стил продолжи и Марјановиќ, па Србија заслужено водеше со 16-11 до првиот тајмаут на Кокошков. Потоа во игра влезе Препелич, кој набрзина постигна пет поени и ги врати Словенците во ритам, за првата четвртина да заврши со минимална предност на српскиот состав од 22-20.

final dzordzevic i marjanovic

Стартот на вториот период мина во знакот на Рендолф, кој погоди три слободни фрлања (лична грешка на Мачван), па украде топка и асистираше до Драгиќ за водство на Словенија со 25-22, принудувајќи го Ѓорѓевиќ на тајмаут. Богдановиќ веднаш по тајмаутот погоди тројка, за во следниот напад да изнуди три лични грешки од Словенците, но пота Србија повторно влеззе во криза, па Словенија со серија од единаесет поени поведе со двоцифрена предност (38-28). Српските кошаркари сепак се разбудија и набрзина намалија на пет поени разлика со тројката на Гудуриќ, принудувајќи го Кокошков на тајмаут.

Во финишот во ритам влезе и Горан Драгиќ, кој целосно ја презеде контролата  во нападот и со десет поени во низа ја доведе Словенија на одлични „плус девет“ на полувреме (56-47). Драгиќ беше незапирлив постигнувајќи дури 26 минути за едно полувреме, и тоа против одбраната што примаше најмалку поени во досегашниот дел од шампионатот.

final bogdanovic

А третата четвртина продолжи во ист стил, со тројка на Горан Драгиќ, но Србија потоа заигра фанатична одбрана, па Словенците во следните шест минути постигнаа само четири поени, а противникот се приближи на 63-61. Следеше тајмаут на Кокошков на кој Горан Драгиќ врискаше по соиграчите барајќи поголема сконцентрираност, неговата селекција постигна шест поени, но Србите преку Богдановиќ намалија на 69-67. За проблемите на Кокошков да бидат уште поголеми , Лука Дончиќ заработи повреда и не можеше да им помогне на соиграчите во завршницата од ова финале. Драгиќ погоди две слободни фрлања пред крајот на четвртината, па во последните десет минути се влезе со водство на Словенија од 71-67.

final doncic

Четвртата четвртина почна со одлична игра во одбраната на Николиќ, кој му украде топка на Гудуриќ и изнуди намерна лична грешка, па „дежела“ набрзина поведе со 75-67. И повторно следеше одговор од „орлите“, кои се вратија преку Богдановиќ намалувајќи на 77-74. При овој резултат Србите станаа бесни на арбитрите, откако најпрвин не му беше досудена намерна лична грешка на Драгиќ, за веќе во следниот напад да биде покажана сомнителна техничка грешка на Мициќ поради флопинг. Сепак, Словенија повторно се соочи со огромна криза во нападот, па откако Лучиќ намали на 77-76 Кокошков побара уште еден тајмаут.

Мачван погоди за прво водство по подолга пауза на српскиот национален тим, а серијата на противникот со нова тројка ја прекина Препелич. Драгиќ влегуваше од грешка во грешка, па по новата загубена топка Кокошков го повлече од игра на помалку од четири минути до крајот, при резултат 80-80. Нервите почнаа да се „тенчат“, па Кузмиќ промаши две слободни фрлања, по што Препелич беше прецизен на другата страна, а Александар Ѓорѓевиќ побара тајмаут при водство на Словенија од 84-82.

lucic srbija slovenija

Сепак, српските кошаркари ја загубија смиреноста во нападот, повторно не реализираа, па кога Рејнолдс погоди под лична грешка, Словенија се најде на чекор до трофејот (86-82 на 90 секунди до крајот). Богдановиќ ја презеде одговорноста, но Видмар го блокираше неговото положување, со што славјето на Словенците во Истанбул почна…. „Орлите“ немаа сили за уште еднаш да полетаат, го промашија шутот со кој можеа да внесат неизвесност во финишот, па Словенија заслужено се искачи на врвот на кошаркарска Европа, со конечни 93-85 во ова драматично финале.

Горан Драгиќ го заврши натпреварот со 35 поени и седум скокови, Дончиќ за 22 минути игра постигна осум поени, а „џокер“ на Кокошков во ова финале беше Препелич со 21 поен, вклучувајќи неколку клучни тројки.

Се вчитува...