Словенија ја тресе допинг скандал

Словенечката биатлонка, Теја Грегорин, која го освои бронзениот медал на Олимписките игри во Сочи, била позитивна на допинг тестот. Според соопштението од Меѓународната биатлонска федерација (ИБУ), на повтореното тестирање спорен бил нејзиниот примерок земен во 2010 година на Олимписките игри во Ванкувер.

Грегорин (37) е една од најуспешните словенечки спортистки. На ОИ 2014 во Сочи, таа го осбвои бронзениот медал во трката на 10 км., а во својата кариера има и две сребра од светските првенства. На ОИ 2010 во Ванкувер освои пето, осмо и девето место, но според резултатите, Словенката тогаш користела недозволени стимуланси. Анализата на нејзиниот примерок покажала присуство на еден вид на хормон за раст. По објавувањето на резултатите од тестот, Грегорин автоматски е суспендирана и нема право на настап.

Грегорин во куса изјава за јавноста истакна дека ја прифаќа суспензијата и им се извинува на сите кои се погодени од нејзината постапка.

Се вчитува...