Словенците делуваат моќно: Првиот ривал на Македонија лесно ја совлада Хрватска

Репрезентацијата на Словенија, која ќе биде прв ривал на Македонија на ЕП во Дебрецин во јануари 2022, одлично ги стартуваше подготовките за овој шампионат откако вечерва рутински славеше над Хрватска со 33-26. Конечниот резултат не е реална слика поради фактот дека Хрватите примија неколку лесни голови по грешки во завршните минути, но Словенците покажаа квалитет и карактер, како најава за високите амбиции на претстојниот европски шампионат.

Очекувано, двајцата селектори го искористија овој меч за да им дадат шанса на сите ракометари, но Врањеш може да биде многу позадоволен од она што го виде на теренот од својот ривал Хорват. Словенците имаа контрола над резултатoт во текот на целиот меч, а првото полувреме мина во одлична игра во нападот на двете селекции, за Словенија да замине на одмор со водство од 17-15. Второто полувреме донесе многу поквалитетна игра во дефанзива на словенечките ракометари. Хрватска парираше до петнаесетина минути до крајот, кога „коцкестите“ стигнаа до еден гол негатива, за во завршниот период Словенија максимално да ги користи грешките на противникот и да стигне до убедлива победа.

Блаж Јанц, кој играше само во второто полувреме, реализираше седум гола со само едно промашување, исто толку погодоци постигна и Маргуч, додека Шебетиќ и Циндриќ со по пет гола беа најефикасни во таборот на Хрватска.

Покрај Словенија, ривали на Македонија во групата во Дебрецин ќе бидат селекциите на Данска и Црна Гора.

Се вчитува...