Словенците го нудат Зорман, но Вујовиќ е фаворит за нов тренер на Вардар

Роберто Гарсија Парондо оствари неверојатен успех, во дебитантската сезона како прв тренер носејќи го Вардар до врвот на ракометна Европа. Шпанскиот стратег се наоѓа пред заминување откако договори и ангажман како селектор на Египет, а веднаш по завршницата на фајналфор турнирот почнаа и шпекулациите околу негов наследник.

Словенечкиот весник „Дело“ го посочи Урош Зорман како главен фаворит за нов тренер на Вардар. Идентично како Парондо, и Зорман нема самостоен тренерски ангажман, па јасно е дека клупата на актуелниот првак Вардар е максимално примамлива за него. Тој моментно е асистент на Душебајев во Кјелце и на Веселин Вујовиќ во словенечката репрезентација, но нормално е дека е сериозно заинтересиран за преселба во Скопје.

Сепак, апсолутен фаворит во оваа трка останува поранешниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ. Тој беше шеф на стручниот штаб на „црвено-црните“ до доаѓањето на Сергеј Самсоненко, а со враќањето на Михајло Михајловски во клубот јасно е дека Вујо повторно е многу близу до клупата на скопскиот клуб. Тој секогаш јавно ја истакнувал својата приврзаност кон „црвено-црните“ и откако си замина, а водење на проект со сериозен буџет во ЛШ, и тоа како актуелен првак на Европа, сигурно е предизвик што „Вујо мајсторе“ без размислување би го прифатил.

Се вчитува...