Словенците потврдија: Одиме со Македонија по ЕП, финалето ќе се игра кај нас

Словенечкиот Ракометен Сојуз официјално ја потврди својата намера заедно со Македонија да аплицира за добивање на организација на сениорско машко европско првенство. Двете земји се убедени дека со заедничка работа ќе можат да ја добијат оваа одговорна задача, а во следниот период ќе биде донесена одлуката дали да се аплицира за ЕП во 2022 или пак за ЕП во 2024 година.

Тоа е наша желба и амбиција. Заедно со Македонија ќе се кандидираме да бидеме ко-домаќини за ЕП 2022 или ЕП 2024 година во машка конкуренција“ – истакна денеска првиот човек на Ракометниот Сојуз на Словенија, Фрањо Бобинац.

Повеќе детали сигурно ќе бидат обелоденети во текот на следните месеци, но едно е јасно – доколку се добие организацијата, битката за трофеите ќе се води во салата „Тиволи“ во Љубљана, како единствена во двете земји со капацитет над 10.000 места.

Доколку биде прифатена нашата кандидатура, полуфиналињата, мечот за бронзата и финалето би се играле во Словенија, бидејќи ја имаме најголемата арена“ – изјави Бобинац.

Македонија би била домаќин на две од четирите групи, при што нашите ракометари би имале огромна поддршка од трибините за да ја минат првата рунда. Нашата земја досега беше домаќин на едно сениорско Европско првенство, но во женска конкуренција, во 2008 година.

Словенија беше организатор на ЕП за мажи во 2004 година, кога оваа селекција стигна до сребрениот медал.

Се вчитува...