Словенците се баш страшни, ја „збришаа“ Украина во осминафиналето

Словенија е првиот четвртфиналист на Евробаскет 2017 откако оваа селекција во осминафиналето го декласираше составот на Украина со преубедливи 79-55. Помалку од едно полувреме им беше доволно на избраниците на селекторот Кокошков да го скршат отпорот на противникот, па потоа до крајот да ја зголемуваат предноста и рутински да се најдат меѓу најдобите осум селекции на Стариот континент.

Лука Дончиќ ги постигна првите седум поени за Словенците во ова осминафинале, а неочекувано под своите можности одигра Горан Драгиќ, Сепак, тоа немаше преголемо влијание врз настапот на големиот фаворит, кој во шестиот меч од овој европски шампионат ја забележа и шестата победа.

Својот најдобар меч во дресот на Словенија го одигра Американецот Рендолф, кој воедно и беше најефикасен со 21 поен. Одличен беше и Лука Дончиќ со 14 поени, 10 скока и шест асистенции, додека Горан Драгиќ постигна само пет поени со шут од поле 2/12. Најефикасни кај Украина при денешниот пораз беа Пустозвонов со 11 и Лукашов со девет поени.

Селекцијата на Словенија во четвртфиналето ќе се сретне со победникот од утрешниот дуел Црна Гора – Латвија.

Се вчитува...