Случај „Кале“: Антокорупциска бара одговорност од директорот кој склучил спорен договор со Даниел Димевски

Државната комисија за спречување корупција проценува дека треба да биде побарана одговорност од директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, Шпенди Хајредин за случајот „Кале“. На последната седница, Комисијата констатирала дека има сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување и затоа покренува барање за одговорност за директорот до Владата, но ќе поднесе и иницијатива за кривична одговорност до јавното обвинителство.

„Во однос на постапувањето по предмет во врска со неправилности во работењето на директорот на ЈП за стопанисување со спортски објекти, ДКСК одлучи да поднесе иницијатива до Владата на Република Северна Македонија за утврдување на одговорност на директорот.

Имајќи ја предвид содржината на добиените документи ДКСК оцени дека има елементи за основи за сомневање за злоупотреба на службената положба и овластување од страна на именуваниот директор за што до надлежното јавно обвинителство ќе поднесе иницијатива за кривична одговорност“ – стои во информацијата од ДКСК.

Овој случај ја разбранува јавноста бидејќи ДКСК обелодени дека објекти во околината на СРЦ Кале биле доделени на фирмата ТУРД Олимпик ДОО Скопје  која е во сопственост на Даниел Димевски кој во моменот на склучување на договорот беше надворешен советник на тогашниот премиер Зоран Заев за прашања од спортот и негово унапредување. Даниел Димевски беше долгогодишен претседател на Кошаркарската федерација. Токму КФСМ е сега сопственик на салата Кале.

Се вчитува...