„Случај Нуиќ“ – Делегатот на ЕХФ тврди дека добивал смртни закани!

Делегатот на ЕХФ на квалификацискиот натпревар за СП 2019 меѓу репрезентациите на БиХ и на Швајцарија, Дарко Репеншек, тврди дека добивал смртни закани после „случајот Нуиќ“ и одлуката на ЕХФ да и додели службена победа на Швацарија. Во интервјуто за словенечка Ekipa24.si, Репеншек вели дека е изненаден од одлуката на Европската ракометна федерација која ја казни репрезентацијата на БиХ со исфрлување од баражот за СП 2019 и дека целата приказна за него се претворила во кошмар откако почнал да добива смртни закани, иако не прецизира кој му се заканувал.

Словенечкиот делегат истакнува дека не му е јасно како „испаднал“ репрезентативцот на БиХ, Томислав Нуиќ од списокот на официјалниот записник, а претходно списокот бил заведен во системот на ЕХФ со сите 16 играчи.

Во тој извештај што го испратив во ЕХФ, јасно ставив до знаење дека се работи за грешка. Повторувам, јас ја признав грешката. Одлуката на ЕХФ е потполно друга работа. Со неа сум целосно згрозен и изненаден од одлуката на ЕХФ да го регистрира натпреварот со резултат 10-0 за Швајцарија. Таа одлука не е во духот на моите спортски уверувања и дејствување. Исто така тоа не се вклопува во тоа што го напишав во својот извештај. Мене и на судиите воопшто навистина не ни е јасна ваквата одлука“ – вели Репеншек.

Претходно, селекторот на БиХ, Билал Шуман, во јавноста изнесе серија обвинувања за корумпираноста на делегатот Дарко Репеншек, како и тоа дека на натпреварот дошол во алкохолизирана состојба. Ракометниот сојуз на БиХ пак, вложи жалба по одлуката на ЕХФ натпреварот да се регистрира со службен резултат 10-0 во корист на Швајцарија. Тоа денеска го потврдија и од ЕХФ со потвда дека е прифатена жалбата од Ракометниот сојуз на БиХ и дека е отворена постапка.

Се вчитува...