Слукас ја одбрани Пиреја од Фенербахче, шок за Барселона во Тел Авив

Кошаркарите на Олимпијакос стигнаа до петтата победа во Евролигата откако на домашен терен славеше со 67-65 над Фенербахче. Турскиот тим во третата четвртина имаше предност и од 13 поени (55-42), но ни тоа не беше доволно за тимот на Александар Ѓорѓевиќ да не го забележи петиот пораз во првенството.

Херојот на грчкиот состав беше Костас Слукас кој на две секунди пред крајот на мечот со реализација од полудистанца донесе победа за својот тим. Плејмејкерот натпреварот го заврши со 14 поени, 5 асистенции и 4 скока, а во противничкиот табор најрасположен беше Јан Весели со 14 поени и 9 скока.


Барселона го претрпе првиот пораз во натпреварувањето откако загуби на гостински терен во Израел од Макаби Тел Авив со убедливи 85-68. Домаќините победата ја најавија уште од самото отварање на мечот откако по 10. минути игра поведе со 31-18, а оваа предност до полувремето се искачи на убедливи 56-36. Каталонците се обидоа да се вратат во натпреварот во второто полувреме, но залудно.

Кори Хигинс беше првото име на мечот со 20 поени и 4 скока, додека него го следеше Никола Митровиќ со 17 поени и 6 скока. За домаќините Џејмс Нанали постигна 17 поени и 4 асистенции.

Баерн Минхен пак влезе во победничка низа откако славеше во германскиот дуел против Алба со 69-82. Откако натпреварот беше изедначен во првите 30. минути подобрата игра на гостите во одлучувачките десет минути им донесе значајна победа. Маодо Ло беше првото име кај домашниот тим со 23 поени и по две асистенции и скока, а гостите ги предводеше Дарум Хилиард со 25 поени и 6 скока.

Се вчитува...