Смилковски: Со нула поени од клупа – подобро не се може

ТФТ не успеа да приреди изненадување на стартот од квалификациите за Еврокупот на ФИБА, каде македонскиот претставник загуби од унгарски Сегед со убедливи 76-92.

Според тренерот Боро Смилковски, крајниот исход е реален со оглед на дефицитот во скок-играта и пред се – очајниот придонес од клупата за резерви ако се знае дека ниту еден кошаркар на ТФТ надвор од стартната петорка не се запиша меѓу стрелците.

„Пред натпреварот во соблекувалната им кажав на играчите ‘Не треба да чувствуваме притисок во однос на резултатот, но мораме да имаме одговорност кон нас самите, да покажеме дека заслужуваме да бидеме дел од ова натпреварување’ . Имавме проблеми во комуникацијата во одбраната во првото полувреме, во кое примивме 50 поени, а бевме дефицитирани и во скокот, каде на крајот имавме 19 скокови помалку од противникот. Потоа ја корегиравме одбраната, но загубивме енергија во нападот, каде бевме премногу статични. Поени од клупа – нула. Со овие параметри, подобро не се може. Сепак, имаше и моменти кои беа позитивни и квалитетни и кои можат да не радуваат. Добивме искуство од учество на силен турнир, целата оранизација е на високо ниво и ова дефинитивно е нешто од што можеме многу да научиме во иднина. Со кренати глави и задоволни се враќаме во петок во Скопје, а веќе викендот пред нас е стартот на домашното првенство“, изјави Смилковски за ЕКИПА.

Се вчитува...