Смилковски: Веруваме во финале, зошто да не, играме во домашна сала…

Шефот на стручниот штаб на ТФТ, Боро Смилковски, имаше многу причини за задоволство по беспрекорното издание со кое неговиот тим славеше над Пелистер и си обезбеди место во полуфиналето од Купот на Македонија.

Фуриозниот напад и беспрекорниот шут од далечина (53% за тројка) беа формулата за успех на тимот од ТФТ, чиј тренер сега верува во уште поголеми успеси.

„И пред мечот им кажав на момците, јас верувам во успех бидејќи ова е куп-натпреварување во кое во еден натпревар секој може да добие секого. Успеав таа позитивна енергија да ја пренесам врз нив, да им објаснам дека е најважно да се излезе на терен, да се даде се од себе, па на крајот секако да бидеме задоволни. Сметам дека со она што го покажавме на терен заслужено победивме бидејќи доминиравме од почеток до крај. Сега пред нас е полуфиналето, веруваме дека можеме да го минеме и следниот ривал, без разлика кој ќе биде тој. Од физички аспект сме максимално подготвени, можеби и најдобро од сите екипи, а згора на тоа ќе имаме и нешто повеќе време за рехабилитација од наредниот противник. Згора на тоа играме и во домашна сала, а јас верувам дека со уште поголема поддршка од трибините можеме да се пласираме и во финалето, зошто да не и да се закитиме со првиот голем трофеј во клупската историја“, изјави Смилковски.

Се вчитува...