Смолинг се враќа назад во Премиер-лигата

Крис Смолинг нема да остане во Рома подолго од една година, иако англискиот дефанзивец експресно се наметна како еден од лидерите на „римската волчица“ сезонава. Тој пристигна на „Олимпико“ на едногодишна позајмица од Манчестер Јунајтед, Рома планираше да го откупи неговиот договор, но добрите игри на англискиот интернационалец придонесоа тој да го привлече вниманието на неколку клубови во татковината.

Жозе Мурињо токму во Смолинг гледа предводник на одбраната на Тотенхем за наредната сезона, а понуди за овој фудбалер подготвуваат и Карло Анчелоти и Микаел Артета. Во една таква аукција се очекува цената на Смолинг да ја надмине границата од 30 милиони фунти, трка во која Рома нема намера да се вклучи.

„Волчицата“ влезе во серија слаби резултати, шансите за пласман во ЛШ сега се сведени на теорија, а тоа ќе се одрази и на буџетот за засилувања за претстојниот преоден рок. Фонсека сигурно нема да има богатство за трошење на нов дефанзивец, па се очекува Рома воопшто да не испраќа понуда за Смолинг, туку вниманието да го насочи кон други опции, при што приоритет ќе имаат оние кои се достапни на позајмица.

Се вчитува...