Снимката која потврдува зошто Халанд го прослави голот провоцирајќи го голманот на Севилја (ВИДЕО)

Ерлинг Халанд уште еднаш е херојот на Борусија Дортмунд. Овој пат на реванш пресметката од осминафиналето во Лигата на шампионите во која постигна два гола за пласман на „милионерите“ во четвртфиналето.

По дуелот најмногу се зборуваше за прославата на Халанд при вториот погодок. Тогаш Норвежанецот голот го прославуваше провоцирајќи го голманот на Севилја. Гостинските фудбалери збеснаа поради таквиот гест, а судијата му покажа жолт картон.

Но, подоцна друга снимка од натпреварот откри зошто Халанд го прослави голот провоцирајќи го противничкиот голман. Неколку моменти претходно младиот норвешки напаѓач изведуваше пенал, голманот на Севилја го одбрана и додека играта продолжи тој одеше по Халанд провоцирајќи го за одбранетиот пенал. Но, се огласи ВАР-системот и заклучи дека голманот предвреме излегол од линијата, пеналот беше повторен а Халанд не пропушти вторпат да погоди.

Халанд за време на прославата му дофрли нешто на голманот на шпански, а по натпреварот ги објасни причините за бурната прослава…

„Поим немам што значи тоа на шпански. Јас слушнав претходно дека тој тоа мене ми го викаше откако го промашив пеналот и потоа и јас нему му го кажав истото кога постигнав гол. Искрено, бев многу нервозен кј тој пенал. Тој ми се дереше во лице откако промашив првиот пат и тогаш единствено размислував дека мора да му дадам уште еден гол. А потоа ВАР го повтори пеналот… Карма. Постигнав гол од пенал со ист удар како првиот пат, но тогаш не лажеше и не можеше да го одбрани“ – истакна Халанд по синоќешниот натпревар.

Се вчитува...