Со блесокот на младоста Феникс 2010 избори „мајсторка“ против Пелистер

Феникс 2010 се избори за „мајсторка“ во четвртфиналната серија против Пелистер откако во вториот натпревар успеа да го одбрани домашниот терен и да слави со 83-81. Тренерот Дервишевиќ на овој натпревар не можеше да смета на најискусниот кошаркар Трајковски, но на сцена настапија младите Митревски, Хот и Петков кои комбинираа 48 поени.

Самото отварање на натпреварот наговести неизвесен натпревар. Пелистер реализираше со висока успешност во рекетот па постојано одржуваше предност, но „виолетово-жолтите“ со обидите за три поени не дозволија истата да биде висока за 19-20 по 10. минути игра. Ритамот остана ист и до полувремето со тоа што до „големиот одмор“ двата тима го менуваа водството, а поените на Хот со звукот на сирената донесоа предност од 43-40 за скопскиот состав.

Второто полувреме не донесе драстични промени на паркетот. Подобрата игра на Феникс 2010 во рекетот донесе највисока предност од 61-55 на домаќините, но Пелистер возврати со обидите за три па експресно ја врати неизвенсота за 67-68 пред одлучувачките десет минути. Во нив продолжи играта „кош за кош“ во која блесна младиот двоец на домаќините Митревски-Хот. Преку младинците Феникс 2010 влезе во последната минута со предност од 82-81, а ним им се приклучи Петков кој беше половичен од линијата за слободни фрлања за 83-81 на 22. секунди пред крајот. Пелистер имаше шанса за изедначување или место во полуфиналето со обид за три поени, но во истите промашија Стајиќ и Карпентер.

Со дабл-дабл од 20 поени и 10 скока лидер на Феникс 2010 беше Хот, а него го следеше Митревски со 15 поени, 7 скока и 7 асистенции. По 13 поени додадоа Петков и Димчевски, а со 12 поени и 6 скока мечот го заврши Јанески. Со 24 поени и 8 асистенции Пелистер го предводеше Стајиќ, 20 поени и 5 скока додаде Маслинко.

Се вчитува...