Со свој камен по глава – Кизиќ блесна и го тресна „својот“ Вардар

Еурофарм Пелистер стигна до џиновска победа во „Јане Сандански“, преземајќи ја контролата во трката за титулата во македонскиот ракометен плејоф. Најзаслужен за победата без конкуренција е Марко Кизиќ, голманот на „пелистерци“ кој собра осум интервенции во второто полувреме, трасирајќи го патот до огромниот триумф над лутиот ривал.

Кизиќ е „дете на Вардар“, тој до лани беше член на „црвено-црните“, a во изминатите години имаше брилијантни настапи за овој клуб во Лигата на Шампионите, токму во периодот во кој „вардарци“ се соочуваа со сериозни проблеми.

Сепак, Вардар најпрвин го донесе Борко Ристовски, минатото лето го договори и Мартин Томовски, па Кизиќ се реши среќата да си ја побара на друго место, во таборот на лутиот ривал од Битола. Иако во голем дел од сезонава му беше резерва на Секељи, тој блесна кога беше најважно, како „казна“ за екс-клубот кој премногу лесно се откажа од неговите услуги.

Се вчитува...