Со Вардар нема шега, Мешков немаше каде да бега

Актуелниот европски шампион, Вардар успеа да ја прекине серијата од два порази во Лигата на шампионите и да триумфира на домашен терен против Белорускиот Мешков Брест со 36-31 во 6. коло од групата Б. Одличната игра во нападот и помошта од одбраните во второто полувреме беа доволни за Вардар да успее да го сопре белорускиот шампион.

Гедбане го отвори мечот со две одбрани (кои беа единствени за вардаровите голмани во првото полувреме), по кои следуваа и два гола на Вардар, гостите се вратија со идентична мини серија, а по пет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 2-2. По еден гол на двете страни, следуваше првото исклучување во гостинскиот табор кое го заработи Акамбре. „Црвено-црните“ ја искористија бројчаната надмоќ на теренот и успеаја во 9. минута да стигнат до водство од 5-3. Во следниот период се играше гол за гол, се до 13. минута кога со голот на Калараш „Вардарци“ за првпат стигнаа до плус три (9-6), по кои тренерот на гостите Раул Алонсо беше приморан да побара тајм-аут. По тајм-аутот гостите успеаја да врзат два гола и да дојдат на само минус еден (9-8).

Следуваа исклучувања на двете страни, игра во која подобро се снајдоа домаќините кои во 20. минута повторно стигнаа до плус два 13-11. Иван Чупиќ не реализираше „зицер“ кој можеше повторно да го однесе европскиот шампион на плус три, по кој следеше казна од Паниќ кој намали на 13-12. Следуваа нови искучувања во гостинскиот табор, прво Обрадовиќ, па потоа и Акамбре, ситуација која ја искористи Вардар и со серија од 4-1, со голот на Иван Чупиќ во 24. минута успеаја да стигнат до највисоките плус четири (17-13). Мешков Брест повторно имаше мини серија од 2-0 со која за двојно ја намали негативата, а во 27. минута резултатот изенсуваше 17-15. Кокшаров мораше да интервенира со својот прв тајм-аут на натпреварот. Малуш во 29. минута намали на 17-16, а Иван Чупиќ на стартот на последната минута со својот 6 гол на мечот повторно донесе водство од плус два за Вардар (18-16). Следуваше гол на Шкурински за 18-17, а на три секунди до крај Криштопанс постигна гол за предност од два гола на полувреме (19-17).

Вардар фуриозно го стартуваше второто полувреме и со брзи три гола за минута ипол стигна до највисоките плус пет 22-17. Вилијам Акамбре заработи трето исклучување во 35. минута, а Шишкарев во 36. минута повторно донесе плус пет за „црвено-црните“ 24-19. Домаќините успорија во нападот, а гостите со два гола стигнаа на минус три 24-21. Сепак на сцена стапи Гедбане кој со вкупно четвртата одбрана во второто полувреме успеа да го спречи „моментумот“ на Мешков Брест, по кој реализираше Скубе за повторно  плус четири 26-22.

Следуваа две одбрани на младиот Кизиќ кои ја запалија публиката во „Јане Сандански“, по кои следуваше нов гол на Скубе со кој во 47. минута Вардар повторно стигна до највисоките плус пет (30-25), по кои тренерот на гостите Раул Алонсо мораше да интервенира со тајм-аут. Во следниот период следуваше по еден гол на двете страни (31-26), а во 52. минута Кокшаров го повика првиот тајм-аут за Вардар во второто полувреме. Следуваше гол на Калараш со кој вардарци во 53. минута за првпат во мечот стигнаа до плус шест 32-26. Одличната игра на Вардар продолжи и во наредните неколку минути, а со голот на Шишкарев во 56. минута избраниците на Кокшаров стигнаа и до највисоките на мечот плус седум (35-28). До крајот „црвено-црните“ рутински го приведоа мечот за конечни 36-31.

Даинис Криштопанс со 9 и Иван Чупиќ со 7 гола беа први имиња во победничкиот табор. Скубе запиша шест гола, а Кизиќ и Гедбан заедно имаа 10 одбрани. Кај гостите Валупау постигна девет гола, додека Паниќ и Малуп мечот го завршија со по пет гола.

Со победата Вардар се искачи на втората позиција на табелата во групата Б со 8 бода, односно три помалку од првопласираниот Кил.

Се вчитува...